Што треба да знаете за надворешното рекламирање



Што треба да знаете за надворешното рекламирање

Aleksandra Dogramadzieva

Рекламата е порака која е наменета да ги мотивира потрошувачите да купуваат производи. Рекламната индустрија користи специфични техники и различни комуникациски канали за да допре до нејзината целна публика. Сé почесто во светот, така и кај нас наидуваме на многу интересни начини на рекламирање на отворено - надворешно рекламирање, кое станува клучна алатка од маркетинг миксот за одредената компанија, која сака да биде забележана, која сака да испрати одредена порака и да се наметне на потенцијалните купувачи.

Outdoor advertising или надворешното рекламирање игра многу важна улога за еден производ да биде успешен. Надворешното рекламирање мотивира и мобилизира. Прави почетен визуелен контакт со сите, со потенцијалните купувачи на рекламираниот производ или услуга и со минувачите. Привлекува внимание и „паѓа во очи“ .

Кај надворешното рекламирање потребно е да се создаде незаборавен впечаток многу брзо. Бидејќи рекламната порака (слика или текст) мора да биде читлива за многу кратко време или додека се поминува крај неа со голема брзина, мора да има само неколку зборови и јасна слика и порака.

Надворешното рекламирање нуди реклама која постојано се наметнува и го привлекува вниманието на сите минувачи 24 часа на ден, 7 дена во неделата.

Надворешната реклама може да биде навистина ефективна алатка за да се постигнат зацртаните цели но за да се одбере соодветната рекламна кампања за Вашиот производ или компанија, треба да се земат во предвид неколку работи, како локација, позиционирање, осветлување, дизајн итн.

ЛОКАЦИЈА
Многу е важно да се изберат вистинските локации за Вашите рекламни кампањи.
Основeн параметар е фрекфенцијата на луѓе и возила, односно просечниот дневен сообраќај што поминува низ таа одредена локација. Во предвид се земаат и други параметри, како времето на задржување на таа локација, близината на главни раскрсници, пешачки зони, видливоста и сл.
Ако избраните локации се посетени од страна на многу луѓе дневно, истите ќе продуцираат добри резултати, а со тоа Вашата инвестиција во надворешното рекламирање ќе се исплати.

ПОЗИЦИОНИРАЊЕ
Во промоција на еден производ преку надворешна реклама голема улога игра позиционирањето на рекламата – таа треба да биде поставена во видливото поле на потенцијалните корисници - минувачите покрај таа локација.

ОСВЕТЛУВАЊЕ
Осветлувањето, исто така, игра клучна улога. Атрактивноста на рекламата зависи од интензитетот на светлина што паѓа на рекламната површина - дванаесет часа во случај на дневна светлина и осумнаесет часа во случај на надворешно осветлување. Добро осветлените реклами произведуваат многу подобри резултати во споредба со оние кои не се добро осветлени.

ДИЗАЈН
Дизајнот на надворешната реклама треба да е „видлив“ и покрај другите реклами и неговата околина. Тоа мора да биде лесно препознатлива порака која ќе се забележи „од прв поглед” и да носи во себе начин на размислување препознатлив на целната група за која е наменета пораката. Дизајнот на рекламата мора да прикаже карактеристики кои веднаш привлекуваат внимание. Да се биде препознатлив и привлекувањето на внимание е најдобрата каректеристика на надворешното рекламирање.


Comments